ТЕАТАР 007 е основан во 1997 година како независна театарска институција, чија цел е афирмација и популаризација на вон-институционалното театарско работење и живеење во Скопје и Македонија. Репертоарот на ТЕАТАР 007 се состои од автори и дела кои ретко кога се поставувани на т.н. „железни репертоари“ на државните и други театри. На формален план, ТЕАТАР 007 ја негува современата, алтернативната и експериментална театарска естетика во која изобилува знаковноста, движењето, музиката, танцот, пантомимата како стилски изразни срества. Од 2010 година, со театарот раководи, продуцентот Миодраг Костиќ. Од истата година, ансамблот на ТЕАТАР 007 работи во рамките на „Универзална сала“ – Скопје, и тоа во реновирани сценски простории, во т.н. „Мала сцена“. Во моментов, ТЕАТАР 007 е еден од најактивните независни театарски продукции во град Скопје, кој покрај редовните репертоарни активности, нуди и театарски едукации во рамките на приватното Училиште за театар „Од игра до претстава“. Во изминатите години од основањето до сега, ТЕАТАР 007 има забележано успеси на бројни домашни и меѓународни фестивали, меѓу кои во ИТФ на АИТА/ИАТА 2007 Јужна Кореа, „ИНТЕРРАМПА“  Литванија, „Фокус“ Австрија, „Сараевска зима“, БиХ, „Сценска Жетва “ Словачка, ИТФ АИТА/ИАТА 2009 Монако, „Стична Фест“ Словенија,  „Moscow International University Theatre Festival“Русија, „10 дена Крсманац“ Србија, „Време“ Бугарија, „Театрален куфер“ во Минск, Белорусија.